Над сто села во источна Турција се отцепени поради обилните снежни врнежи. Лошото време најмногу ги засегна окрузите Битлис, Ван, Ардахан и Ерзурум, јави Анадолија.
Во тие планински области блокирани се сите патишта, а локалните жители се обидуваат со сопствени сили да излезат од снежната блокада. Во тек е целосна мобилизација за расчистување на снежната покривка од 30 до 50 сантиметри.
Медицинските служби се во состојба на тревога, наставата е откажана во повеќе населени места, нарушено е снабдувањето со електрична енергија.
Спасувачките служби им помагаат на настраданите, доставуваат производи и лекарства.