Поради поројните дождови кои траат со денови, во повеќе општини во БиХ кои беа погодени од мајските катастрофални поплави, повторно се излеаја помали реки и потоци, кои ги поплавија пониските објекти и го блокираат сообраќајот.
По вчерашните поројни дождови во општината Завидовиќ е донесена одлука за прогласување состојба на природна катастрофа. Невремето во Завидовиќ предизвика поплави, одрони и прекин на движењето во сообраќајот, а водостојот на сите реки е зголемен.
– Ситуацијата минатата ноќ била исклучително сложена, а ништо подобра не е ниту утрово, бидејќи дождот постојано врне, истакна Сеад Ѓановиќ, директор на Кантоналната управа за цивилна заштита на ЗДК.
Во Тузланскиот кантон биле поплавени околу 100 станбени објекти, а реката Турија однела и еден пешачки мост.
Најкритична е ситуацијата во Шпионице, каде се поплавени десетици станбени објекти, а во текот на ноќта е извршена и евакуација на жителите од неколку домови.
Нивото на водата во реката Спречи кај Карановачкиот мост изнесува 453 сантиметри, а 300 е критична точка, па ситуацијата е алармантна.
Улиците на Грачаница се под вода, како и Спортската сала.
Речиси сите месни заедници на подрачјето на општина Тузла пријавиле дека се поплавени.
И на подрачјето на Бања Лука се излеале реките и се активирало лизгање на земјиштето, поради што стапиле во сила мерки за заштита на одбраната од поплави, а активиран е и Градскиот штаб за вонредни ситуации и единиците на Цивилна заштита.
Во повеќе пригратски населби и делови на Бијелина без електрична енергија останале околу 5.000 корисници.
Во Зворник реката Сапна „излегла“ од коритото и поплавила околу 18 куќи и магистралниот пат Зворник-Бијелина.
Во Сребреник синоќа биле поплавени речиси 300 објекти, оштетени 26 мостови, три образовни институции и три воденици.
Ситуацијата во општината Илиџа утрово била речиси целосно стабилизирана во однос на синоќа, кога дошло до излевање на реките кои поплавиле околу 30 куќи, а пожарникари ја испумпувале водата.