Министрите за внатрешни работи на земјите од Југоисточна Европа се согласија денеска да воспостават платформа за размена на информации за миграциски текови, во обид да се спречат злоупотреби на процедури за добивање азил во ЕУ.
Германија, Франција, Шведска, Белгија и Луксембург известија дека е забележан пораст на бројот на барања за меѓународна заштита откако ЕУ го либерализираше визниот режим за земјите од Западен Балкан, јави Танјуг.
Министрите од земјите од ЈИЕ, кои за таа тема разговараа денеска во Брдо кај Крањ во Словенија, се согласија дека визната либерализација важна за регионот, но и оти претставува „голем предизвик за регионот, како и за ЕУ во целина“, соопшти словенечкото МВР.
На конференцијата во рамки на „Процесот Брдо“, министрите претставија превентивни, законодавни и репресивни мерки со цел спречување на злоупотребата на процедурите на меѓународна заштита.
На конференцијата во Брдо кај Крањ, се разговарало и за начините за поттикнување на соработката во борбата против трговијата со оружје и активностите кои се применуваат врз основа на работните одлуки донесени во рамки на „Процесот Брдо“.