Проширувањето на Европската унија со земјите од западен Балкан претставува стратешка инвестиција во мирот, демократијата, просперитетот, безбедноста и стабилноста на цела Европа, оцени естонскиот министер за надворешни работи Свен Миксер, чија земја е актуелен претседавач со Унијата.
Мискер во авториски текст ма порталот „Еуропеан Вестерн Балканс“ наведува дека земјите од западен Балкан што ги споделуваат и промовираат вредностите на ЕУ и што ги исполнуваат условите за членство, мора да добијат можност да продолжат со процесот на приклучување кон Унијата.
– Можноста за проширување претставува еден од најзначајните алатки за промоција на реформите и вредностите на ЕУ во земјите што сакаат да станат нејзини членки. Заедничките предизвици, како што се мигрантската криза и борбата против тероризмот и организираниот криминал, го докажаа значењето на заедничката соработка, додава Миксер.
Тој нагласува дека доколку се погледне картата на Европа станува јасно оти нема никаков сомнеж околу иднината на земјите од западен Балкан во ЕУ.
– Убедени сме дека проширувањето е најдобра реформа за овие земји. Процесот на проширување навистина се развлече, но сигурен сум дека земјите од западен Балкан ќе продолжат по реформскиот пат и дека ќе бидат подготвени за членство во моментот кога ЕУ ќе биде подготвена за следното проширување, оценува Миксер.
Тој во тексот нагласува дека за време на претседавањето со ЕУ, Естонија ќе бара начини за постигнување на конкретен напредок на европскиот пат на секоја земја кандидатка одделно, што ќе биде базирано на заслугите и на јакнењето на владеењето на правото, демократските институции, професионализацијата на државната администрација и економскиот раст.
– Западниот Балкан претставува еден од клучните региони и затоа искрено верувам во изјавата што ја дадоа лидерите на ЕУ на прославата на 60-годишнината од Договорот во Рим дека сакаме Унијата да остане отворена за оние европски земји што ќе ги почитуваат европските вредности и ќе бидат посветени на нивна промоција, додава Миксер.
Според него, ЕУ мора да дејствува како тим и мора да пронајде баланс меѓу различните ставови и интереси во Европа, со цел да се обезбеди најдобар можен резултат во утврдување на нови стратегии, закони и практични мерки во сите можни области.
Од 1 јули годинава Естонија првпат од нејзиното зачленување во ЕУ пред 13 години, го презеде местото претседавач на Унијата.