Мислам дека со оваа криза се справивме со максимална професионалност, покажавме дека бевме подготвени, имаме план и секако се подготвуваме и за следните фази на ширење на вирусот, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот од состанокот за справување со коронавирусот, одржан денеска со присуство на надлежните министри.
-Пораката е многу јасна, треба да стигне до секој дом: да покажеме смиреност и, како што многу пати имате кажано, секако да знаеме дека можеби сме на почеток, но станува збор за болест која суштински нема различни карактеристики од грипот. Според тоа не треба да се третира со прекумерна паника, рече Мицотакис.
На состанокот во премиерската палата присуствуваа министерот за здравство, државниот министер, заменикот министер за координација на работата на владата, владиниот портпарол, како и професорот од Националната оргнизација за јавно здравје, кој воедно е задолжен за коронавирусот во Министерството за здравство на Грција.
Според грчките медиуми, досега биле земени и анализирани примероци на 153 лица од поблиската средина на четирите потврдени случаи на коронавирусот и резултатите биле негативни.