Игор Жмириќ, командант на Специјалната антитерористичка единица (САЈ), е приведен на распит во Секторот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија. Според белградските медиуми, во истата операција се уапсени најмалку петмина поранешни и сегашни припадници на Единицата за заштита на одредени личности и објекти (ЈЗО).
Како што се наведува, заедно со Жмириќ, приведен е и неговиот заменик, Горан Филиповиќ.
Повикувајќи се на повеќе извори во Министерството за внатрешни работи, медиумите пренесуваат дека двајцата се приведени под сомнение дека, во текот на летото 2025 година – додека биле припадници на ЈЗО – малтретирале студентка, Николина Синѓелиќ, и нејзини колеги во гаражата на зградата на Владата на Србија.
Во моментов се врши нивно испрашување, по што се очекува Вишото јавно обвинителство во Белград да одлучи дали ќе им одреди задржување во траење до 48 часа.
Истовремено, инспектори од Секторот за внатрешна контрола при Министерството уапсија најмалку петмина поранешни и сегашни припадници на ЈЗО, додека по неколку други лица се трага.
Според информациите, постапувајќи по налог на Првото основно јавно обвинителство во Белград, уапсени се неколку полициски службеници, меѓу кои и Милан Вуковиќ, познат како „Бака“. Се наведува дека станува збор за припадници на ЈЗО кои, во текот на јули и август 2025 година, учествувале во полициски интервенции на Булеварот на Кралот Александар, во близина на Правниот факултет во Белград.
За време на овие интервенции, неколку студенти беа повредени и приведени, а во еден момент полициските службеници влегле и во зградата на Правниот факултет – потег што доведе до обвинувања за нарушување на универзитетската автономија.
