Денеска е последниот ден од 27-годишното владеење на Мило Ѓукановиќ, изјави лидерот на опозицискиот Демократски фронт, Андрија Мандиќ, откако гласаше на парламентарните избори во Црна Гора, пренесоа американските медиуми.
-Не се сомневам дека опозицијата ќе ја покаже својата сила и дека Демократскиот фронт ќе стане идниот рбет на црногорската Влада, рече Мандиќ.
Во предизборната кампања опозициските лидери го обвинија премиерот Мило Ѓукановиќ и неговата Демократска партија на социјалистите за корупција, непотизам и лошо владеење со економијата и изјавија дека се обидува да ги заплаши избирачите со хаос во државата доколку неговите противници победат на изборите.
-Единствениот хаос ќе биде во кабинетот на Ѓукановиќ, изјави денеска Мандиќ.
„Верувам во промени, сигурен сум дека тоа може да се случи и денеска“, изјави по гласањето и лидерот на другата голема опозициска коалиција „Клуч“ Миодраг Лекиќ.
Црногорската телевизија „ПинкМ“ претпладнево јави дека во Црна Гора во текот на ноќта била уапсена 15-члена група, која планирала во текот на денешниот ден да изведе серија терористички напади, инциденти и да предизвика вооружени судири, па дури и ликвидации.
Групата, наводно, овие напади ги планирала во договор со една политичка групација, јави телевизијата, не давајќи други детали.
Според неофицијалните информации на телевизијата, на чело на групата, која со себе во Црна Гора донела и големо количество оружје и експлозиви, се наоѓал поранешниот сменет командант на српската жандармерија Братислав Бата Дикиќ.