Шефот на словачката дипломатија Мирослав Лајчак гледа шанса за изнаоѓање решение што се однесува на уредување на ситуацијата на северот на Косово и покрај тоа што последната рунда од дијалогот Белград-Приштина во Брисел заврши без договор.
-Не постои таков проблем за кој нема решение, смета Лајчак и оценува дека суштинското прашање се мерките на автономија во овој регион населен со мнозинско српско население.
-Косовската страна стравува од создавање механизам што ќе го блокира функционирањето на Косово. Српската страна стравува дека српското население може да остане без своите права. До денеска тие ставови не успеаја да се надминат, објасни Лајчак.
Како што додаде, во денешна ситуација северот на Косово е ничија територија, без владеење на законот, што според него, не може да му одговара на ниту еден нормален човек.
-Тоа, дека е потребно таму да се почитуваат законите и важат правилата на игра, е нормално, и против тоа никој не може да биде, го пренесува ставот на Лајчак словачкиот сајт topky.sk.
Лајчак не го дели мислењето дека преговорите во Брисел се дефинитивно неуспешни.
– И натаму не очекуваат многу интензивни активности, иако нема да бидат така видливи како до сега. Повеќе ќе се одвиваат зад кулисите и како шатл дипломатија Белград-Приштина, рече шефот на словачката дипломатија и нагласи дека Унијата со тоа не се дистанцира од целиот процес.