Косовскиот премиер Албин Курти рече дека очекува Шпанија и шпанскиот премиер Педро Санчез да го променат ставот по прашањето за признавањето бидејќи случајот со Косово и Каталонија не се исти.
Курти ова го изјави во интервју за вториот по големина шпански дневен весник Ел Паис, одговарајќи на изјавата на новинарот дека Санчез тврди дека едностраното прогласување на независноста на Косово го прекршува меѓународното право.
Курти изјави и дека во СФРЈ Косово е најсиромашниот и најексплоатиран дел од земјата, додека Каталонија и Баскија се најбогати во Шпанија. Како што оцени, односот на СФРЈ кон Косово бил од колонијален тип, како односот на Франција кон Алжир. Курти оцени дека нема ништо што Мадрид и Барселона не можат да го решат со дијалог, бидејќи Шпанија е демократска земја, а Приштина и Белград имаат проблем затоа што „Србија е автократска држава“.