Колона автомобили со српски демонстранти од Косово, долга неколку километри, пристигнаa попладнево на српско-косовската граница и го блокираа граничниот пункт Јариње.
Косовските Срби изјавија дека целта на протестот е да им обрнат внимание на премиерите на Косово и на Србија, Хашим Тачи и Ивица Дачиќ, кои утре во Брисел ќе преговараат за статусот на српските општини во Косово, дека нема да прифатат никакво решение кое ќе биде спротивно на српскиот Устав.
Во протестот учествуваат и претставници на општинските раководства на српските општини од Северно Косово, како и заменик директорот на српската владина канцеларија за Косово, Крстимир Пантиќ.
Засега протестот минува без инциденти, а над граничниот премин прелетуваат хеликоптери на Силите на НАТО (КФОР).
Србите од северниот дел на Косово не ги признаваат косовските институции и се сметаат за граѓани на Србија. Тие настојуваат во преговорите со Приштина, државниот врв на Србија да го почитува српскиот Устав и волјата на граѓаните во Северно Косово, изразена на референдум минатата година, на кој се изјаснија дека не ги прифаќаат институциите на Косово.