Европска банка за обнова и развој (ЕБРД) го назначи Матео Коланџели за нов директор за регионот на Западен Балкан и директор на канцеларијата во Србија.
Како регионален директор, Коланџели ќе биде одговорен за операциите на ЕБОР во Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија, а седиштето ќе биде во Белград.
– Многу сум горд што ја презедов оваа улога и решен да продолжам да го зајакнувам нашиот бизнис во регионот. Ќе се фокусираме на економско закрепнување по пандемијата и ќе работиме со нашите партнери за изградба на позелени, поинклузивни и дигитализирани економии во Западен Балкан, истакна Коланџели, кој во моментов ја предводи канцеларијата на ЕБРД во Албанија.
Почнувајќи од 17 мај 2021 година, Коланџели ќе ја преземе функцијата од Зузана Харгитаи, која е назначена за генерален директор на ЕБРД за Централна Азија.
Приоритетите на банката во регионот се зајакнување на приватниот сектор, промовирање на транзиција кон зелена економија, како и зајакнување на транспортните врски во регионот и со соседните европски земји. ЕБРД минатата година инвестираше 1,3 милијарди евра во земјите од Западен Балкан.