Референдумот не е ниту услов, ниту правно барање за имплементација на Договорот од Преспа, туку е избор на Скопје, рече шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ, коментирајќи го и објаснувајќи го резултатот од референдумот во Македонија.
Коѕијас истакна дека Иванов за претседател и Заев за премиер биле избрани со помал број гласови од гласовите што ги доби „ЗА“ на референдумот.
– Договорот вели дека (референдумот) е избор на Владата на Скопје, но не е ниту услов, ниту предуслов, ниту правно барање за имплементирање на договорот, ова е од голема важност. Сега одиме на политичкиот дел. Голем процент е 37 -38 отсто? На прв поглед кога некој го гледа, ако не ги знае балканска политика и политиката на Скопје и нивната реалност, ќе каже дека е мал. И логично е. Но, ако знае колку гласови се овие 37-38 отсто и што се случи на претходните избори, тогаш ќе сфати одредени работи, рече Коѕијас споменувајќи колку гласови добиле премиерот Зоран Заев на изборите во 2016 година и претседателот Ѓорге Иванов на последните претседателски избори.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, министерот за надворешни работи на Грција, во синоќешното опширно интервју за грчката државна телевизија објасни дека не се пречистени изборните списоци и дека ако гласале сите што имаат право на глас според реалното избирачко тело од еден до 1,2 милион гласачи, мнозинството од 50 отсто +1 ќе беше под 600.000, односно 540.000-550.000.
– Реалното избирачко тело е околу милион, 1.100.000 до 1,2 милион. Во ова реално тело „ДА“ за Договорот од Преспа доби над 50 отсто. Односно и да гласаше целото избирачко тело, резултатот пак ќе беше над 50 отсто, рече Коѕијас, пренесе МИА.
Според информациите што официјална Атина ги имала од Скопје, како што рече Коѕијас, проценките биле дека излезеноста ќе биде меѓу 40 и 45 отсто, а според тоа Грција била ориентирана дека ќе гласаат 40-41-42 отсто.
Во однос на случувањата кај нас, шефот на грчката дипломатија рече дека ако Заев не ја добие битката во Собранието, според негово мислење, „ во секој случај ќе ги добие следните избори, тоа го велат резултатите од референдумот“.
– Фактот дека Заев доби 100.000 „ДА“ повеќе од неговиот избор како премиер, и 100.000 гласови повеќе отколку Иванов при неговиот избор за претседател, прави да е очигледно дека под нормални услови ќе ги добие изборите, рече Коѕијас и додаде дека „опозицијата кај северниот сосед не побара избори затоа што знае дека ќе ги изгуби“.
Шефот на грчката дипломатија беше категоричен дека ратификацијата на договорот ќе биде од актуелниот грчки Парламент, а дури потоа, кога ќе дојде време, со одлука на премиерот земјата ќе оди на избори. Паралелно, изрази убеденост дека во Парламентот има мнозинство пратеници кои би го поддржале Договорот од Преспа.
Говорејќи за решението меѓу двете земји, рече дека е исклучително добро и исклучително корисно.
– Договорот од Преспа е урамнотежен, може да издржи низ времето, тоа е договор што е прототип, како што велат сите меѓународни сериозни универзитетски институции, смета Коѕијас.
Министерот за надворешни работи на Грција рече дека за иднината на Балканот не постои подобра политика од соработка та меѓу двете соседни земји, бидејќи преку оваа соработка се постигнуваат неколку работи.
-Прво да ја стабилизираме оваа земја, која не сакаме да се уништи. Тој што го сака тоа нека излезе и нека каже. Само некои радикални десничари извикуваа „Дајте ни го оружјето да влеземе во Скопје“. Ако ова не е иредентизам… Замислете, тие тоа да го велеа за нас. Второ, се става крај за сите што размислуваа за Голема Албанија, бидејќи се стабилизира оваа земја. Трето, и Србите и Бугарите ја признаваат реалноста на оваа држава. Односите Грција–ПЈРМ е оска што го стабилизира Балканот, објасни шефот на грчката дипломатија.
Во интервјуто за државната телевизија ЕРТ, Никос Коѕијас, говореше и за внатрешно политичка сцена во Грција и ставовите како на коалицискиот партнер во владата, така и за оние на опозицијата.
За Панос Каменос рече дека она што го говори го говори како лидер на партијата што коалицира во владата, а не како надлежен за надворешна политика. А конкретното прашање е само „една мала кавга во бракот“ на СИРИЗА и Независни Грци.
– Надворешна политика ја води премиерот, телото што се вика Министерски совет- што четири пати се согласи, на демократски начин, за Договорот од Преспа кога го подготвувавме – и министерот за надворешни работи. Другите не се надлежни за надворешна политика. Господинот Каменос говори бидејќи е лидер на една од двете партии, не говори како да е и тој надлежен за надворешна политика, објасни Коѕијас, пренесе МИА.
Во однос ставот на опозициската Нова демократија дека нема да гласа за ратификација на договорот, шефот на грчката дипломатија коментираше дека за прашањата поврзани со иднината на земјата, не одлучуваат само лидерите на партиите туку секој сам поради одговорноста кон земјата и затоа, порача дека најголемата грчка опозициска партија треба да дозволи, нејзините пратеници да гласаат, секој според своја волја.