Европската унија со нетрпение очекува Претседателството на БиХ што е можно побрзо да ја дополни и да им ја испрати за потпишување на политичките лидери, изјавата за реформите кои ќе ја придвижат државата во евроинтегративниот процес, изјави портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.
Таа за сараевскиот весник „Дневни аваз“ истакна дека позицијата на ЕУ по ова прашање е многу јасна.
– Советот на ЕУ соопшти дека е за напредок на БиХ, но истовремено и за начинот на кој се решаваат важни прашања како што е невработеноста и економијата. Пишаната обврска која ќе ја усогласи Претседателството на БиХ треба да ја потпишат партиските лидери и да биде усвоена од Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ. ЕУ очекува да се преземат реформи кои се во рамки на процесот за членство во Унијата, наведува Коцијанчич.
Според неа, текстот на пишаната и потпишаната прифатена изјава треба да содржи определби дека ќе се работи на реформите дефинирани во програмата „Раст и вработување“, на владеењето на законот и доброто владеење, како и на решавање на други проблеми на функционалноста.