Катругалос сигурен дека во грчкиот Парламент има мнозинство за Договорот од Преспа

Од:

Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, ќе се сретне со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров на маргините на министерскиот состанок на НАТО во Брисел, соопшти Катругалос на денешниот брифинг со новинарите во грчкото МНР.

И покрај последните случувања во Грција и мобилизацијата на учениците поради Договорот од Преспа, алтернативниот шеф на грчата дипломатија, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали можеби последните случувања ќе влијаат врз пратениците, вели дека нема промени во климата во грчкиот Парламент и останува на ставот дека постои мнозинство за ратификација на договорот.

-Ништо не е сменето во однос на моето предвидување, кое го сметам за сигурно, дека постои парламентарно мнозинство за гласање и ратификација од наша страна на Договорот од Преспа, секако со предусловот што се подразбира, другата страна да ја исполни нејзината обврска, рече Катругалос.

Тој објасни дека според информациите процесот кај нас ќе заврши на крајот од јануари, а потоа Грција ќе продолжи со нејзините обврски.

Катругалос рече дека постојат отворени канали на комуникација меѓу двете земји, а Грција го следи и апсолутно го почитува процесот на уставна ревизија.

-Се подразбира дека овој процес е предмет на почит од наша страна, но сметаме дека е факт дека текстот и духот на Договорот од Преспа треба да биде предмет на почит од другата страна, истакна Катругалос.

Во однос на изгласаните амандмани, рече дека нема да коментира бидејќи процесот е во тек, а со став ќе излезе кога ќе заврши целата процедура.

Одговарајќи на новинарско прашање за можноста за некој вид на додатна или толкувачка изјава, по завршувањето на уставната ревизија, Катругалос е категоричен.

-Не, Договорот од Преспа е јасен, бара уставна ревизија што ќе одговара на текстот и духот на Договорот од Преспа. И не сметаме дека било каква дополнителна изјава би имала таква цел, рече Катругалос објаснувајќи дека во никој случај нема да дозволат да има содржина што ќе остава простор за сомнеж во содржината на уставната ревизија што треба да биде согласно со Договорот.

За време на брифингот, Катругалос на неколку пати повтори дека за грчката страна е важно уставните промени да бидат во духот на Договорот од Преспа.

Во однос на опсадите во грчките средни училишта и протестите на учениците против Договорот од Преспа, Катругалос рече дека младите треба да дискутираат, но со вистински аргументи, а тие како влада, колку што можат ќе обезбедат услови “за да има вистинска дискусија со аргументи, а не со она што го посакуваат трговците на патриотизам, кои сакаат да ја вовлечат младината на пат кој не е демократски, патот на омраза кон други земји”.

-Треба дискусијата да се води со познавање на Договорот од Преспа, зошто ние сметаме дека е корисен и за двете држави и двата народи и исто така да не дозволиме на било кој начин, особено во оваа чувствителна област како што е младината и училиштето да влегува отровот на нетолеранцијата и на фашизмот, рече алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина на денешниот брифинг со новинарите во грчкото МНР.

Би можело да ве интересира

Муцунски: Проширувањето на ЕУ е неопходно за политичка и безбедносна стабилност на европскиот континент

(ВИДЕО) Големо невреме во Грција, силните ветрови корнеа дрвја, многу автомобили се превртени

Забрана за сообраќај на возила на грчките острови Парос и Миконос поради поплави и силно невреме

А1он

Четири опозициски партии доставија барање за гласање недоверба на грчката Влада

А1он

(ВИДЕО) Грција е целосно парализирана: Има судири, летаат солзавци и молотови коктели

Горан Наумовски

Нова демократија: Продолжуваат нападите врз партијата

А1он