Коалицискиот партнер во грчката Влада, министер за одбрана и лидер на Независни Грци, Панос Каменос, нема да чека Договорот од Преспа да стигне во грчкиот Парламент, туку штом поминат и завршат процедурите во македонското Собрание, ќе си поднесе оставка и ќе се повлече од Владата.
-Ако продолжи и се изгласа Договорот од Преспа од страна на поранешната југословенска Република Македонија, јас ќе си дадам оставка од Министерството за национална одбрана, преземајќи ја целата тежина на оваа одговорност. Ќе се повлечам од Владата, рече Каменос од грчкиот град Лариса, во неговото обраќање во седиштето на воздухопловните сили и објасни дека како политички шеф на армијата, обврзан е да преземе одговорност и во однос на националните прашања.
Досега, ставот на Каменос беше дека ќе се повлече од Владата, кога Договорот од Преспа ќе стигне за ратификација во грчкиот Парламент, а не штом помине во македонското Собрание.
По средбите и активностите во седиштето на грчките воздухопловни сили, Каменос даде изјава за медиумите и откри дека при вчерашна посета на караулите им рекол на припадниците на грчката војска дека тоа можеби е и негова последна посета.
На новинарско прашање, Каменос ги коментираше и последните изјави на македонските политичари.
-Мило ми е за овие провокации, бидејќи се токму карактерот на раководството на ПЈРМ. Нивните континуирани, иредентистички провоцирачки изјави ги потврдуваат оние кои велевме дека не можат да се покријат со превезот на еден договор, кон кој не можат да се придржат, рече Каменос и повтори дека неговата цврста позиција е дека не може да прифати никаков договор што го содржи терминот Македонија.
Во однос на тоа кога би се одржале избори во Грција, дали би биле предвремени или регуларни, грчкиот министер за одбрана рече дека според него тоа не треба да се случи набргу, а за земјата најдобро ќе биде избори да има по завршувањето на четиригодишниот мандат. Истакна дека и покрај договорот со СИРИЗА во коалиционата влада, „скопското прашање дојде порано од планираното“.
-Сфаќате дека постојат некои прашања кои се „црвена линија“ за нас и не можам јас, како политички шеф на вооружените сили, но и поради позицијата што јавно ја зазедов од почетокот на мојата политичка кариера, да прифатам да останам министер за национална одбрана и во исто време, да потпишам за предавањето на терминот „Македонија“. Јас никогаш нема да го сторам тоа. Ќе се борам, со сета моја сила, да сфатат сите, а особено странците, дека Грција ја има сета добра волја да се најде решение. Ние не сакаме војна со никој, но сакаме да сфатат дека со една пропаганда што започна од времето на Мусолини и Тито, не можат да ја оспорат историјата на грчката Македонија, рече Каменос.