Ако не постои желба да се почитува Уставот, тогаш тој треба да се промени, изјави денеска хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ по повод вчерашниот протест во Вуковар против воведувањето на српскиот јазик и кирилицата за службена употреба, на која локалното српско малцинство има право согласно законот.
Јосиповиќ изјави дека очекува од партиите во Хрватска, особено од оние кои учествуваат во Владата, да им објаснат на граѓаните колку е важно да се почитува основниот закон на државата.
– Хрватска го решава прашањето за правата на малцинствата на начин предвиден во Уставот, а прашањето за правото на јазик и писменост е дел од програмата како на претходната, така и на сегашната Влада, рече Јосиповиќ.
Над 25.000 Хрвати, главно ветерани од војната од сите делови на земјата, протестираа вчера во Вуковар со барање да се забрани или да се одложи за неколку години воведувањето на српскиот јазик и кирилицата во службена употреба во градот. Демонстрантите изјавија дека ако не биде исполнето нивното барање, ќе организираат голем митинг во Загреб во април.
Според хрватските закони и Уставот, во местата каде над една третина од населението припаѓа кон некое од националните малцинства, неговиот јазик и писменост можат да бидат признаени за службени.
Откако беше објавено дека според пребројувањето на населението во Вуковар живеат 34,87 проценти Срби, кои имаат право на употреба на мајчиниот јазик и писменост, десничарските хрватски партии и ветераните организираа неколку протести и бараа примената на законот да се одложи за 10, 20 или 50 години.