Американскиот заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Хојт Ји ги отфрли изјавите и повиците на балканските политичари за создавање Голема Албанија, велејќи дека дел од нив се дадени во контекст на предизборни кампањи и не се одраз на желбите на албанските политичари во регионот.
Во интервју за порталот Европски Западен Балкан, во врска со Македонија, Ји изјави дека тој тесно ги координирал своите активности со Европската Комисија и со европската дипломатска служба на Федерика Могерини, за да се издејствува давање на мандатот за состав на Влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев.
– Не верувам дека постои сериозно движење за создавање на Голема Албанија или желба кај албанското население, дали е тоа во Македонија, Црна гора или Албанија, за обединување во нова држава. Официјалниот став, и јас верувам, искрениот став, на политичките партии од Македонија, Црна Гора, Косово и Албанија е да се интегрираат во Европската Унија и што поскоро во НАТО, и тоа во рамките на државите каде што сега живеат, а не со промена на границите или преку некој голем национален ентитет. Знам дека има одредена реторика, која јас сметам дека е неодговорна и провокативна, од одредени политичари во регионот. Тоа не беше конструктивно и создаде сомничавост. Сметам дека овие слогани и пароли не треба да се гледаат надвор од контекстот на предизборните кампањи во кои беа дадени. Не сакам со ова да ги оправдам овие повици или да нудам објаснување за нив. Ние и јавно и приватно ја осудивме ваквата реторика. Важно е и да не се реагира прекумерно и да не ги земаме буквално изјавите дадени од политичари кои се во кампања, изјави Ји, додавајќи дека секој обид за промена на границите би бил сериозен удар за обидот на таа држава да влезе во Европската Унија. Најосудувана ваква изјава беше коментарот на албанскиот премиер Еди Рама, за порталот Политико, дека доколку нема европска перспектива за Балканот, Албанија може да се обедини со Косово.
Во врска со Македонија, Ји изјави дека се координирал со Могерини и со Европската Комисија, како што правел и во врска со паралелната политичка криза во Албанија. Ји беше запрашан и за тоа колкаво е американското влијание за начинот на кој се одвиваат политичките кризи во двете држави, и дали е тоа поголемо од влијанието на Европската Унија.
– Би сакал мојата држава да имаше успеси или влијание колку што медиумите ни придаваат. Јас тесно соработував со Европската Комисија и со Европската Надворешна Акциска Служба. Малку се темите на Балканот во кои САД не ги координира своите активности со нашите пријатели во Брисел, токму затоа што делиме заедничка цел – сакаме да го видиме регионот интегриран во Европа и во европските институции. Успехот дојде затоа што лидерите на државите беа способни да донесат тешки одлуки, дали беше тоа одлуката на претседателот Иванов во Македонија да го даде мандатот на коалиција во Собранието која има мнозинство за да може да формира Влада, или на опозицијата во Албанија која презема храбар чекор и реши да учествува на изборите, како и на премиерот Рама кој покажа флексибилност потребна да се убеди опозицијата. Ова е пред се во полза на Албанија, ситуацијата во Албанија, и на Македонија, на народот на Македонија. Заслугата е на лидерите на овие држави, а ние сме среќни што помогнавме, изјави Ји.