Косовската претседателка Атифете Јахјага ќе ја напушти функцијата веднаш по усвојувањето на уставните измени со кои шефот на државата ќе се избира на непосредни избори, пишува весникот „Трибуна шќиптаре“.
На Јахјага како „компензација“ за ослободување на претседтелската функција ќе и биде понудено министерско место.
Аналитичарот Шкелзен Малиќи смета дека не може да се предвиди дали такво нешто ќе се случи, но сепак оценува дека е можно Јахјага да подлегне на големиот притисок од сите страни за да замине и да го почитува договорот меѓу политичките лидери при нејзиниот избор.
Од друга страна, аналитичарот Неџмедин Спахиу оценува дека Јахјага е „поставена од американската Амбасада, па таа може да ја напушти функцијата само тогаш кога Американците ќе се убедат дека таа треба да замине“.
Јахјага беше избрана за претседател на почетокот на април 2011 година, по договорот постигнат меѓу лидерите на Демократската партија на Косово, Хашим Тачи, на Алијансата за Ново Косово, Беџет Пацоли и на Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа, со посредство на тогашниот американски амбасадор во Приштина Кристофер Дел.
Согласно договорот, таа требаше да остане на функцијата до усвојувањето на измените на Уставот, што требаше да се случи до јуни годинава. Меѓутоа, Уставниот суд на Косово неодамна реши дека таа може да остане на претседателската должност до крајот на мандатот за кој е избрана, односно до 2016 година.