Со свечена парада на припадниците на Силите за безбедност на Косово и на косовската полиција денеска во Приштина почна главната прослава на петгодишнината од прогласувањето на својата независност.
– Ние градиме визија за нашата нова држава, визија за нејзина евроатлантска иднина. Ние работиме Косово да биде земја членка на ЕУ со постојано пријателство со САД, изјави претседателката Атифете Јахјага во своето обраќање пред косовските власти и голем број меѓународни претставници.
Јахјага нагласи дека Косово води политика на добрососедство и го почитува интегритетот и суверенитетот на сите земји.
Во своето обраќање на церемонијата премиерот Хашим Тачи изјави дека независноста на Косово била сон на многу генерации и дека овој сон денеска е стварност, која е призната од повеќе од половина земји членки на ОН.
– Наша цел е во блиска иднина да станеме членка на НАТО, изјави Тачи.
Интеграцијата во Европската унија е заедничка цел на сите Албанци, а не создавање на една национална држава, изјави претседателот на Косово Атифете Јахјага, пренесува Анадолија.
Овие идеи останаа во минатиот век. Сега треба да работиме за интеграција на сите Албанци во структурите на преку две суверени и независни држави. Познат е нашиот официјален став дека сакаме Косово и Албанија како две независни држави да влезат во ЕУ, изјави Јахјага во обраќање пред медиумите, по вчерашната посетата на гробот на поранешниот претседател на Косово Ибрахим Ругова.
Независноста на Косово досега ја признаа од околу 100 држави.
Чествувањето на петгодишнината од независноста на Косово се одбележува со значителен напредок во односите меѓу Белград и Приштина, што стана можен благодарение на посредништвото на ЕУ.
Неколку спогодби се постигнати под притисок на Брисел, кој евентуалниот напредок кон членството на Србија и Косово во ЕУ го условува со нормализирање на нивните односи во рамки на дијалогот, почнат во 2011 година.