Лидерот на Движењето за социјалистичка интеграција (ЛСИ), Илир Мета, кое на претстојните избри во Албанија ќе настапи во коалиција со социјалистите на Еди Рама, на средба со новинарите нагласи дека кандидатот за албански премиер на актуелната опозиција се уште не е одреден.
Мета не ја отфрли можност тој да биде кандидат за премиер по парламентарните избори што ќе се одржат на 23 јуни. Според Мета, по победата на изборите, односите меѓу ЛСИ и Социјалистичката партија (ПС) ќе се базираат на демократски правила.
– Важна е победата на обединетата опозиција и разликата ќе биде со над 200.000 гласови. Другите прашања се во согласност со демократските правила и норми. Односите со ПС и со другите политички партии од коалицијата се конструктувни и како такви ќе продолжат и по 23 јуни и ќе останеме доследни на начелата кои ги потпишавме, изјави Мета.
Тој уште еднаш го повтори повикот до премиерот Сали Бериша да го прифати неговиот предлог за усвојување од страна на Парламентот на трите закони кои се клучни за европската интеграција на Албанија.
Мета, како член на Социјалистичката партија беше премиер на Албанија во два мандати од ноември 1999 до септември 2001 и од септември 2001 до февруари 2002.
По изборите, пред четири години, тој влезе во Владата на Сали Бериша, што беше првпат во Албанија лева партија да коалицра со десницата. На почетокот на април годинава ЛСИ ја напушти Владата и влезе во коалиција со Еди Рама.