Продолжува испраќањето хуманитарен материјал и лекови за Украина, а постои согласност за хоспитализација на пациентите од болниците во Украина во болниците во Грција. Конкретно, се разговара за 30 деца болни од рак, да го продолжат лекувањето во Детската болница, во Онколошкиот оддел „Елпида“, рече портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Истакна дека Грција веќе прима и ќе продолжи да прима бегалци од Украина, а во земјата, заклучно со вчера пристигнале вкупно 12.655 Украинци.
Додаде дека постои целосна координација на сите инволвирани служби и постојано се разгледуваат податоците за обезбедување привремена заштита и услови за сместување, а во моментов веднаш достапни се 15 илјади легла што постепено може да се зголемат до 30 илјади, поради празнењето на бегалските кампови во последните две години.
Иконому истакна дека Министерството за миграција и азил продолжува да ги презема сите неопходни мерки и за прием на бегалците, но и за да им помогне во пронаоѓањето работа, па така отворен е посебен сајт на која ќе објавуваат огласи од компании кои нудат работа директно на раселените Украинци, а од 4 април ќе почне и процесот за доделување привремена заштита на бегалците.
Извор: МИА