Хрватската лотарија девет месеци од минатата година работела со загуба од 3,48 милиони куни (457 илјади евра).
Таа компанија своите минатогодишни загуби ги образложува со тоа дека е една од ретките лотарии во Европа која организира и други игри на среќа, освен лотариските, а тоа се обложување, казино и апарат-клубови, кои се игри со ризик.
Затоа постои ризик и за Хрватската лотарија дека на тие игри ќе загуби, пишува загребскиот весник „Вечерњи лист“.
– Факт е дека обложувањето има својства на ризична игра во која може да дојде до исклучително високи исплати на играчите, па дури и повисоки од извршената уплата. Токму тоа се случи во септември минатата година кога обложувањето оствари загуба по повеќе од две години, што дополнително влијаеше на негативните трендови и донесе негативни финансиски резултати, објаснуваат во Хрватската лотарија.
Лошите деловни резултати Лотаријата ги објаснува и со економската криза во земјата, која се одразила и на уплатите за игри на среќа.