Директорот на хрватската државна компанија Петрохемија Јосип Јагушт, која во моментов е во минус, сопственик е на стан вреден осум милиони фунти во најлуксузниот дел на Лондон.
Како што потврдува изводот од лондонскиот регистар на земјиштето, куќата на адреса 11 Sent Meris Plejs е во сопственост на Јосиф Јагушт и неговата сопруга од 1997 година, пишува Јутарњи лист.
Во тоа време Јагушт бил директор на Интер Ина, филијала на Ина во Лондон, а тогаш беше и член на Надзорниот одбор на Петрохемија.
Иако Јагушт во текот на неговата кариера бил директор и на неколку приватни компании, тешко е да се најде одговор на прашањето за тоа како успеал да купи толку скап и луксузен имот во Лондон и уште четири стана во Загреб со вкупна вредност од 5,8 милиони куни, додава весникот.
Јагушт и неговиот адвокат се обиделе да ја прикријат сопственоста на вилата во Лондон.
Куќата се наоѓа во мрежата на улици украсени со викторијански вили и паркови во западниот дел на централен Лондон, Кенсингтон, омилен од британската аристократија, европските банкари и олигарсите од исток.
Во непосредна близина се наоѓа еден од најубавите градски паркови Kensington Gardens, а во неговиот дворец живеела Lady Diana, а сега таму борави нејзиниот син принцот Вилијам со сопругата Кејт.
Во близина е и најскапата улица во Обединетото Кралство со вилите на најголемите светски богаташи како Лакшми Митал, кој куќата ја купил од Берни Еклстон за 57 милиони фунти и вилата на султанот од Брунеи, пишува весникот.