Поканата за НАТО е резултат на сериозната работа на остварување на стратешките цели на државната политика – полноправно членство во НАТО и ЕУ. Ова е круна на долгогодишните државни напори и процеси на севкупните реформи започнати во 2006 година, порача црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ на свеченоста во „Вила Горица“, пренесува Радио-телевизија Црна Гора.
-Точно пред девет години, со приемот во Партнерството за мир тргнавме на овој пат. Денеска имаме право на гордост што за релативно кратко време ја заслуживме довербата на партнерите и добивме покана за членство. Многу сме задоволни што Алијансата правилно ги вреднува нашите напори. Благодарни сме на државите-членки и администрацијата на НАТО за драгоцената помош и поддршка сите овие години. Посебна благодарност им должиме на членките на дипломатскиот кор во Подгорица. Ова е наш заеднички успех, изјави Ѓукановиќ.
Тој се заблагодари на претставниците од политичките партии, невладиниот сектор, медиумите, бизнис и академската заедница.
– Поканата на нашата земја ја потврдува кредибилната политика на отворени врати, и силата и визијата на Алијансата, истакна премиерот, и додаде дека првпат по шест години една држава е повикана во Алијансата, што за НАТО претставува важен настан.
– Свесни сме дека пред нас е уште еден дел од патот до полноправно членство во Алијанската, но сигурен сум дека ќе го поминеме квалитетно и брзо, како што ги исполнувавме и досегашните обврски, рече Ѓукановиќ.
Црногорскиот премиер верува дека со одговорен однос кон реформите, Црна гора ќе обезбеди место во својство на набљудувач уште на следниот самит во Варшава.
– И денеска кога славиме, ние мислиме на утрешниот ден, на обврските кои не можат да чекаат. Тоа е формулата на сите наши успеси, заклучува Ѓукановиќ.