Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ денеска на отворената седница на Владата порача дека оваа година е најважна за државата од обновата на независноста, пред се поради поканата за членство во НАТО.
– Тоа е големо признание за реформите, кои сме ги направиле за да ги достигнеме НАТО стандардите. Првпат во поновата историја повик е упатен само на една земја. Сето тоа не обврзува да продолжиме со реформите, како и со продолжување на јакнењето на поддршката за членство, рече премиерот.
Ѓукановиќ оцени дека државата има и одличен интензитет во процесот на пристапување кон ЕУ, пренесува Танјуг.
– Отворивме 22 поглавја, а исполнети се и почетните мерила во седум поглавја, од кои повеќето се сметаат за најтешки. Со создавање предуслови за отварање на тие поглавја Црна Гора покажа дека нејзината администрација е подготвена да извршува и најкомплицирани задачи, рече тој.