Претседателот на Партијата за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас, изјави дека е сосема реално опозицијата да добие повеќе гласови на парламентарните избори од листата на Српската напредна партија (СНС), да победи во Белград и кандидатот на опозицијата да влезе во вториот круг од претседателските избори.
– Тоа го покажуваат сите истражувања што ги правиме повеќе од една година, но и разговорите со луѓето ширум Србија, изјави Ѓилас, за новиот број на неделникот НИН.
Како што истакна, „со целата кампања, која секако остава последици, јас сум апсолутно убеден дека по април ќе имаме поинаква Србија“.
Тој рече дека „секогаш се залагал за единствена листа на сите оние кои на ниту еден начин не соработуваат со Александар Вучиќ“.
– На тој принцип се собравме, но има и други такви организации како што се собраните околу зелената агенда. Тие мислат дека треба да одат сами, а јас го почитувам тоа, иако мислам дека е подобро да одиме сите заедно, кажа Ѓилас, потсетувајќи дека групацијата која заедно излегува на избори, вклучително и ССП, испратила покана и до други.
Тој додаде дека „се разговара со угледни и храбри луѓе собрани во Собранието на Слободна Србија, сакаме на листата да се најдат и други непартиски личности“, а на прашањето дали ќе биде на изборната листа, тој одговори: „Сакам.Јас сум претседател на најголемата опозициска партија“.
Ѓилас изјави и дека енергијата на протестите не може да се потроши, „таа секогаш некаде останува“.
– Саво Манојловиќ започна приказна со својата организација, луѓето излегоа на улица, протестираа, не се плашеа ниту од насилниците, ниту од полицијата. Ниту една политичка организација не треба да се меша во тоа, освен да бидеме присутни како граѓани и на тој начин да придонесеме во борбата за општото добро, посочи Ѓилас.
Според него, луѓето на улица не се само поради Законот за експропријација, туку поради се што се случува, но нема причина ниту една политичка организација да додава какви било барања.