Министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска разговараше со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, кој е во посета на Софија. Таа пред него, како што јави дописникот на МИА од Софија, изјавила дека Бугарија ќе даде се од себе за да и помогне на Украина.
Генчовска коментира дека над 91.000 украински државјани се примени на бугарска територија, а над 80.000 од нив веќе имаат статус на привремена заштита. Бугарскиот Црвен крст досега има обезбедено 1,5 милиони евра хуманитарна помош. Уште 185.000 евра се поделени на различни хуманитарни организации.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба и се заблагодари на Бугарија за поддршката и помошта на жените и децата кои бегаат од војната. Тој рече дека од почетокот на војната, Бугарија јасно и доследно ја поддржува Украина, вклучително и во односите со ЕУ и НАТО, бидејќи разбира дека безбедноста на Украина значи безбедност за Бугарија и сите земји покрај Црното Море.
– Ние се бориме не само за нашата безбедност, туку и за Бугарија и другите европски земји, за никогаш да не се соочите со она против што Украина војува, рече Кулеба.
Тој рече дека по враќањето на мирот во регионот, Киев ќе направи се што е можно за да ги продлабочи економските врски и соработката меѓу Бугарија и Украина и да бара проекти од заеднички интерес, велејќи дека се надева дека повеќе Украинци ќе ја посетат Бугарија како туристи, а не како бегалци.
Кулеба ќе се сретне со бугарскиот премиер Кирил Петков, со лидерите на парламентарните партии и со претседателот Румен Радев.
Извор: МИА