Словенците се најсреќни граѓани на Балканот, додека на спротивната страна на скалата како најнесреќни се покажале Србите, покажуваат резултатите од анкетата на Институтот за истражување на јавното мислење Галуп.
Во истражувањето се мерени позитивните емоции со помош на пет прашања: Дали вчера добро се чувстувавте?, Дали чувствувате дека другите ве почитуваат?, Дали многу се смеевте?, Дали научивте нешто интересно? и Дали уживавте?.
Шеесет и осум проценти од Словенците дале позитивни одговори на поставените прашања, со кои е измерена количината на среќа.
Педесет и два проценти од Србите одговориле дека се среќни, покажуваат резултатите од телефонската анкета.
Педесет и пет проценти од граѓаните во Македонија се среќни, 56 отсто од Црногорците исто така се изјасниле како среќни, а по нив следи Хрватска со 57 отсто „насмеани“, додека тој процент во Босна и Херцеговина изнесува 59.
Резултатите од анкетата, која е спроведена во 148 земји во светот, покажуваат дека најсреќни се жителите на Панама. Осумдесет и пет проценти од нив дале потврден одговор на сите пет прашања.