Решавањето на прашањето за проширувањето на ЕУ со Западен Балкан е од стратешко значење за целата ЕУ, изјави Роберто Фико, претседателот на италијанскиот Дом на пратеници, при посетата на Софија. Тој ја потенцираше темата за проширувањето на Западен Балкан по средбата со претседателот на Народното собрание на Бугарија Никола Минчев, на чија покана се наоѓа во Бугарија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Фико ја коментираше важноста на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан, особено во таква ситуација како сегашната и потребата од посилна ЕУ.
Минчев и Фико разговараа за зајакнување на соработката меѓу Бугарија и Италија на различни полиња, вклучително и формирање групи за пријателство во парламентите на двете земји.
Двајцата остро ја осудија руската воена инвазија на Украина и побараа прекин на конфликтот и враќање на преговарачката маса. Фико кажа дека го коментирале и ефектот од руската агресија врз Украина врз Европската унија.
-ЕУ стана уште пообединета и посилна, покажувајќи дека може да се обедини и да се спротивстави на агресијата. Убеден сум дека по Планот за закрепнување по пандемијата ќе има потреба од план за закрепнување од енергетските проблеми, рече Фико.
Извор: МИА