Српскиот претседател Александар Вучиќ се подготвува да и даде „зелено светло“ на британско-австралиската компанија Рио Тинто за развој на најголемиот рудник за литиум во Европа две години откако Белград се откажа од проектот, објави „Фајненшл тајмс“ (ФТ).
Вучиќ изјави за ФТ дека новите гаранции од глобалниот рударски гигант и од Европската Унија изгледа одговориле на загриженоста на Србија за тоа дали ќе бидат исполнети потребните еколошки стандарди на наоѓалиштето Јадар на западот од земјата.
Литиумот, кој се смета за критичен материјал во ЕУ и во САД, се користи во батериите за електрични возила и мобилни уреди.
„Ако исполниме сè, рудникот би можел да биде отворен во 2028 година“, изјави Вучиќ за ФТ, додавајќи дека се очекува рудникот да произведува 58.000 тони литиум годишно.
„Тоа би било доволно за 17 отсто од производството на електрични возила во Европа, приближно 1,1 милион автомобили“, рече претседателот на Србија.
Во 2022 година, Белград ги откажа лиценците за проектот Јадар во Рио Тинто, вреден 2,4 милијарди долари, по големите еколошки протести. Доколку биде завршен, проектот би можел да одговори на 90 отсто од тековните европски потреби за литиум и да помогне компанијата да стане водечки производител на литиум.
Во текот на 2021 и 2022 година, српските екологисти собраа 30.000 потписи на петиција со која се бараше парламентот да усвои закон за запирање на истражувањето на литиум во земјата.