Главната балканска транзитна маршрута за шверц на наркотици од Јужна Америка кон Европа повеќе не минува низ Србија, туку преку Бугарија и Романија, се наведува во анализа на Европската полициска агенција Европол.
Новите количества на наркотици што се запленети во пристаништата во Бугарија, Романија, но и во Грција укажуваат на фактот дека нарко шверцерите се повеќе ја избегнуваат Србија поради дополнителните гранични контроли и наместо тоа претпочитаат да ја пренесуваат дрогата преку бугарска и романска територија, се наведува во анализата.
Во документот, што Европол го изработи во соработка со Организацијата на полициите од Централна и Јужна Америка – Америпол, се наведува и дека најновите патишта на дрогата од јужноамериканскиот континент се поместуваат од Западна кон Централна Европа, каде се бележи раст на побарувачката на наркотици.
Криминалните групи се повеќе губат доверба во латиноамериканските наркокартели поради зачестените заплени на дрога во Колумбија, Еквадор, Боливија и Мексико, и наместо нив се формираат нови криминални организации во Африка и Источна Европа. Заплената на големи количества наркотици доведоа и до промена на клучните играчи што до сега ги координираа прекуокеанските шверцерски пратки, па така со промена на водечките наркогрупи се променија и маршрутите за шверц на наркотици, се посочува во анализата.
Според Европол, во последните месеци наркокартелите претрпеле огромни загуби во Источна Европа, каде во минатото беа запленувани многу помали количества дрога. Така во последните месеци во Турција се запленети околу половина тон кокаин, а во Бугарија 115 килограми. Колку за споредба, лани во Бугарија беа запленети само четири килограми кокаин, се нагласува во анализата.