Словенечкиот министер за надворешни работи Карл Ерјавец изјави дека неговата земја ќе настојува преговорите на Србија за членство во ЕУ да започнат што е можно побрзо, по можност уште во декември.
– Локалните избори во Косово претставуваат важен чекор, кој води кон нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина. Затоа искрено сакам и очекувам изборите да бидат успешни и во нив да учествуваат што е можно поголем број на косовски Срби, бидејќи со тоа ќе си обезбедат политички услови, кои ќе придонесат за донесување решенија за нивната иднина, истакна Ерјавец.
Шефот на словенечката дипломатија е дел од делегацијата предводена од премиерот Аленка Братушек, која денеска се наоѓа во посета на Србија.
Според белградскиот весник „Блиц“, на денешната прва заедничка средба на двете влади се очекува да биде потпишан договор за размена на доверливи информации.