Муслиманските земји се способни сами да си ги решат своите проблеми, а и покрај тоа што Западот ни нуди помош, всушност само има полза од конфликтите на Блискиот Исток, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
– Отворено ќе го кажам тоа, странците ја сакаат нафтата, златото, дијамантите и евтина работна сила на исламскиот свет. Тие сакаат конфликти, борби и расправии на Блискиот Исток. Верувајте ми тие не не сакаат, рече Ердоган.
– Тие изгледаат како пријатели, но ни посакуваат смрт и сакаат да видат како нашите деца умираат, додаде турскиот претседател за време на говор во Истанбул.
Ердоган ги повика исламските земји да се обединат за да ја решат „најголемата хуманитарна и политичка криза во својата историја“.
– Единствени услови за да ја надминеме кризата во исламскиот свет се единството, солидарноста и обединувањето. Верувајте ми, можеме да го решиме секој проблем се додека сме обединети, рече претседателот на Турција, додавајќи дека муслиманите не треба да се надеваат на помош од Западот.