Решавањето на конфликтот во Украина е можно само со мирни средства и активирање на дипломатијата, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пред денешната официјална посета на Киев, пренесе ТАСС.
Тоа што се случува во Украина непосредно ги засега сите жители на земјата. Безбедноста во нашиот регион е сериозно поткопана заради конфликтите на југ – во Сирија, на југоисток – во Ирак и на север – во Украина. Ние постојано ги следиме украинските настани и сме уверени дека решението на проблемите може да се најде само со примена на мирни методи. Сега е неопходно да се активираат сите дипломатски ресурси и до крај да се искористи и најмалата можност за постигнување мир, посочи Ердоган.
Тој подвлече дека Анкара е исклучително задоволна од последните договори во Минск, кои доведоа до прекин на огнот.
-Ние сакаме прекинот на огнот да се почитува, а ситуацијата што се создаде со овој мораториум да стане појдовна точка за обезбедување на постојаниот мир во земјата, додаде турскиот претседател.
Тој посочи дека планира да се сретне со претставници на кримските Татари и локалните Турци, кои живеат на територијата на Украина, и изјави и дека Турција внимателно ја следи судбината и положбата на овие народности.
За време на посетата Ердоган, заедно со украинскиот претседател Петро Порошенко, ќе присуствува на заседанието на турско-украинскиот Совет за соработка на високо ниво.