Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изрази жалење што турската младина воопшто или многу малку знае за муслиманските научници, а знае се за западните научници, како Алберт Ајнштајн, на пример, соопштија француските медиуми.
– Ако ги запрашате кој бил Ајнштајн секој млад човек знае што да каже. Но, доколку ги запрашате кој е Ибн Сина, повеќето од нив дури не го ни познаваат името, рече со жалење Ердоган во денешниот говор на форум на професори во Анталија, во јужна Турција.
Авицена или Ибн Сина е средновековен персиски филозоф, писател, лекар и научник, а Алберт Ајнштајн е светски гениј во областа на физиката и лауреат на Нобелова награда за 1921 година.
Ердоган минатиот месец побара од училиштата да ја прифатат политиката што го открива придонесот на исламот во науката и праксата.
Тој повторно предизвика полемика со изјавата дека муслиманските морепловци ја откриле Америка многу пред Кристифор Колумбо во 1492 година, теорија што е бранета од многу мал број муслимански теолози.
Верен на својот провокативен стил, турскиот претседател повторно ја критикуваше популарната западна култура, жалејќи се дека во Турција „младите луѓе кои ги запомнале имињата на странските ѕвезди од поп музиката, дури не ја познаваат својата култура, кон која се однесуваат игнорантски“.
– Тие можат да го слушаат Бетовен, но, исто така, треба да ги познаваат и османлиските композитори Итри и Деде Ефенди, истакна Ердоган.