Турција внимателно ги следи обидите на Израел да го наруши преговарачкиот процес меѓу САД и Иран, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на прес-конференција во Истанбул по разговорите со пакистанскиот премиер Шахбаз Шариф.
„Благодарение на договорот (на САД и Иран), кој беше овозможен благодарение на напорите на Пакистан, светот можеше да воздивне со олеснување. Извештаите на меѓународните медиуми во последните денови ги истакнуваат тешкотиите со кои се соочуваат страните во овој преговарачки процес“, рече Ердоган.
Тој истакна, пренесува ТРТ Хабер, дека Турција продолжува да го поддржува секој чекор што помага во намалувањето на тензиите и решавањето на проблемите преку дипломатија во тој регион.
„Внимателно ги следиме провокациите на израелската администрација насочени кон поткопување на договорот. Ционистичките милитанти, кои го поврзуваат својот политички опстанок со континуирани конфликти во регионот, во моментов се особено активни во Либан и Сирија“, нагласи Ердоган.
Тој изјави дека нехуманите напади на израелските окупаторски сили врз угнетените во Газа мора да бидат запрени.
„Не смееме да дозволиме регионот да биде удавен од смрдеата на барут и крв. Турција сака да создаде средина во која сите жители на регионот, без оглед на религијата, можат да живеат во мир и безбедност. И во овој поглед, мислам дека е особено важно да се нагласи следната поента: Секое решение кое не се базира на волјата и придонесот на земјите од регионот не може да биде трајно“, рече турскиот лидер.
