Дали доброволното намалување на платите на кое се обврзаа грчките функционери е само симболичен гест или навистина со тоа покажуваат вистинско разбирање за обичните граѓани и последиците од кризата по нивните животи, истражува „Екатимерини“.
Одговорот и не е толку важен со оглед на тоа што ветувањето на политичарите дека ќе си ги намалат платите стана глобален феномен. Од 2009 година кога Барак Обама рече дека администрацијата мора да ги намали расходите заедно со сите Американци, речиси секој новоизбран лидер во Европа го направи истото уште во првите денови од своето владеење. Во последните три години нема влада во Европа, и пошироко, што не ги намалила платите на премиерот, министрите, пратениците и сите високи функционери.
Грција не е исклучок, и претседателот Каролос Папуљас јавно побара неговата плата да биде намалена за истиот процент како и на другите службеници во јавниот сектор, а во февруари изјави дека целосно се откажува од платата, пренесува дописникот на МИА од Атина. Во меѓувреме, една од првите изјави на Самарас откако беше избран за премиер беше дека на сите министри платите ќе им бидат намалени за 30 проценти.
Според „Екатимерини“, големото прашање е дали овие гестови се доволни за да го сменат оправданото нерасположение на народот кон политичарите. Се разбира дека потезите на Папуљас и Самарас се чекор во вистинска насока. Сепак, грчкиот проблем нема да се реши ако министрите примаат 5.500 или 4.500 евра плата наместо 7.000 евра месечно. Намалувањето само ќе ги погоди министрите кои не се пратеници и кои можат да имаат многу поголем приход ако работат во приватниот сектор. Оваа категорија функционери, според најавата на Самарас, ќе падне до 3.010 евра плата месечно.
Она што е неопходно пред се да се направи, е да се намалат за 30 проценти парите на пратениците, затоа што нелогично е 300-те членови на Парламентот да земаат 6.000 евра плата, а министрите 4.900 и 3.010 евра. Грчките пратеници денес примаат 46.000 евра годишно помалку од пред две години кога нивните плати беа превисоки во споредба со другите европски земји и достигнуваа и до 12.500 евра месечно. Сега пратениците повеќе не земаат 14 плати, во 2011 земале 11, а во 2012 ќе земат 10 затоа што немаше парламент поради одржувањето на двете изборни трки.
Како и да е, 8.700 евра, без пресметани даноци, што сега ги земаат пратениците се премногу со оглед на моменталниот стандард во кој ваквите плати се ретки дури и меѓу директорите на големи приватни компании.
Целата работа станува многу компликувана кога треба да се пресмета колку земаат пратениците во бенефиции како што се транспорт и телефон. На пример, пратениците кои ги претставуваат деловите на земјата што не се во Атика, добиваат илјада евра месечно за стан без разлика дали живеат во Атина и не треба да поднесат сметка дали плаќаат кирија. Државата на секој пратеник му плаќа да има тројца членови на неговата канцеларија, двајца технички советници и еден полициски телохранител, и секој пратеник добива автомобил, дури и оние што живеат и се избрани во Атина. „Екатимерини“ прашува дали не би било поевтино пратениците само да добиваат пари за гориво ?
Понатаму, пратениците вон Атина добиваат пари за 50 повратни летови годишно и не мораат да приложат доказ дека патувале. Има и други нелогични трошоци: поранешните претседатели на парламентот можат да имаат канцеларија во зградата и да вработат меѓу шест и осум членови на кабинет, на министрите и замениците министри им се плаќаат дополнителни 700 до илјада евра за редовно присуство на состаноци на Кабинетот, пензионираните пратеници земаат две пензии- една од нивниот мандат како политичар а другата од втората кариера што ја имале вон Парламентот.
Со оглед на сите овие факти, само намалувањето од 30 проценти не е доволно ако не се направи проценка на сите трошоци и на разликите во платите на различни нивоа во политичката хиерархија, заклучува „Екатимерини“.