Во годинешниот Извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Црна Гора се препорачува партиите да воспостават конструктивен дијалог во Парламентот, како и претстојните избори да мора да се одржат во согласност со новото изборно законодавство.
ЕК во Извештајот оцени дека Црна Гора остварила „добар напредок“ во шест поглавја, во 26 поглавја е констатиран „одреден напредок“, а само едно поглавје доби оценка „нема напредок“.
Европската комисија посебно ја истакна улогата на Црна Гора во регионалната соработка. ЕК ја констатира значајната улога на Црна Гора во регионот, одлични односи со соседите, како и фактот дека Црна Гора потпиша два билатерални договора за границата со Босна и Херцеговина и со Косово.
„Во економските критериуми се истакнува дека Црна Гора е „умерено подготвена“ за функционирање на пазарната економија. Констатиран е раст на БДП-то, напредок во фискалната консолидација и унапредувањето на деловниот амбиент, но и внимателно се предупредува дека изградбата на автопатот може да ја загрози фискалната оддржливост“, се наведува во Извештајот, чии делови пренесува весникот „Побједа“.
Не само што Црна Гора доби добри оценки за напредокот во поглавјата 23 и 24 од извештајот на Европската комисија, туку во рамковниот документ „Стратегија на проширувањето“ е истакната како „успешен пример меѓу земјите кандидати во новиот пристап за владеење на правото“.
„Судејќи според извештајот на ЕК, официјална Подгорица може да биде задоволна со оценките од Брисел кои на Црна Гора ширум и ги отвораат вратите не само за ЕУ туку и за добивање покана за членство во НАТО“, истакна „Побједа“.
Како што дознаваат црногорските медиуми од извори од Брисел, кои имале увид во документот, во извештајот ќе се најде и коментар во однос на протестите на дел од црногорската опозиција.
Во таа смисла, препораката на ЕК е сите инциденти со насилство и наводи за прекумерна употреба на сила од страна на полицијата во текот на протестите да бидат адекватно испитани.
„Во исто време, политичките партии ќе бидат повикани да обноват конструктивен политички дијалог во Парламентот“, се вели во нацрт Извештајот што денеска ќе биде претставен во Брисел и Подгорица.