Европската комисија усвои денеска извештај за напредокот на Босна и Херцеговина за 2015 година, во кој констатира дека земјата повторно се вратила на реформскиот пат и почнала да ги решава приоритетите на патот кон пристапување во Европската унија, што го покажала преку усвојување на Реформската агенда.
– За натамошен напредок на државата кон ЕУ е потребен смислен напредок во спроведувањето на реформите од Агендата, а што е предуслов за разгледување на барањето за членство во Унијата, нагласува ЕК.
Комисијата истакнува дека политичкиот консензус од февруари треба да биде спроведен и имплементиран ширум земјата.
– Потребно е да се донесат реформи како јакнење на јавната управа. Исто така неопходно е да се подобри соработката на сите нивоа во воспоставување на ефикасен механизам на координација, соопшти ЕК.
Од БиХ се очекува да ги реши клучните отворени прашања во правосудството, а во согласност со препораките од структуралниот дијалог.
ЕК додава дека е неопходен и напредок во имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, вклучувајќи ги нејзините прилагодувања по влегувањето на Хрватска во ЕУ.
Кога станува збор за политичките критериуми се укажува на недостиг на координација меѓу различните нивоа на власт.
И натаму отворено прашање останува решавањето на пресудата „Сејдиќ-Финци“, државата е во почетна фаза на реформите на јавната управа, а од БиХ се бара и имплементација на Стратегијата за реформите на правосудството, односно преземање мерки за подобрување на независноста на судовите и зголемување на нивната ефикасност.
Во врска со борбата против корупцијата се наведува дека институционалната рамка се уште е слаба и неадекватна. ЕК исто така бара јакнење на борбата против организираниот криминал.