Доналд Трамп ќе има огромни проблеми на Балканот

Од:

Прва жртва на политичката нестабилност која ја генерираше Трамп може да биде Косово, а не Украина или балтичките земји

Форин Полиси – Вашингтон

Во Косово кај дел од населението и денес постои силна приврзаност кон САД. Тоа е последица од улогата која САД ја имаше во ослободување на земјата од владеењето на Слободан Милошевиќ во 1999 година.

И додека во главниот град на Косово, Приштина и натаму стои бронзената статуа на американскиот претседател Бил Клинтон, чувствата околу новиот американски претседател Доналд Трамп се поделени.

Во неделите по претседателските избори во САД, очите на светот беа насочени кон Украина, балтичките земји и други значајни геополитички региони. Но, малото Косово веќе стана полигон на кој ќе се види како промените кои ги најави Трамп ќе се одразат на меѓународните односи.

Косово географски се наоѓа меѓу четири големи соседи и натаму нема војска и е беспомошно без американските безбедносни гаранции и дипломатска поддршка. Трамп се закани дека ќе го повлече и едното и другото.

Геополитичко тактизирање

Откако Косово прогласи независност во 2008 година, го признаа 113 земји. Русија и Кина не се меѓу тие земји, тие ја поддржаа Србија и претензиите на земјата кон оваа територија. САД беа меѓу првите земји кои го признаа Косово и се бореа за неговата афирмација на меѓународната сцена.

Над 4200 војници на НАТО се наоѓаат на Косово, од кои 650 од САД. Амбасадорката на Косово во Вашингтон на Трамп пред неговата инаугурација му рекла дека ја претставува нацијата која најмногу ги поддржува САД во целиот свет. Со оглед на политиката на затворање на Америка што ја најави Трамп, прашање е дали Косово ќе биде приоритет на САД.

– Во земјата постои српско малцинство кое главно живее на северот, а кое делумно се чувствува заробено меѓу Белград и Приштина. Таа популација го поддржа Трамп, вели косовскиот аналитичар Бранислав Нешовиќ. Албанското мнозинство пак во добар дел беше во таборот на Клинтон.

Претседателската кампања во САД ја наелектризира и Србија. Лидерот на српските радикали Војислав Шешељ водеше про-Трамповски митинзи минатото лето за време на посетата на поранешниот американски потпретседател Џо Бајден во Белград.

Ликувањето на Војислав Шешељ

Шешељ тогаш ги повика српските Американци да гласаат за Трамп, односно „за иднината на Србија”.

Во меѓувреме, проруските српски националисти во Косово, кои се уште на земјата гледаат како на дел од Србија, во Трамп гледаат идеолошки сојузник. На северот од Косово, населен претежно со етнички Срби, победата на Трамп на денот на изборите се славеше долго во ноќта.

Тие српски националисти и натаму се врзуваат за српските институции и за свој главен град го сметаат Белград. Само неколку дена по победата на Трамп, во Косовска Митровица се појавија плакати со ликот на Трамп со натпис: „Србите цело време беа со него!”.

Наведените тензии ескалираа во јануари, кога Србија се обиде да го упати новиот воз, дониран од страна на Русија, од Белград кон Косовска Митровица. Возот беше украсен со српски православни икони и на него стоеше слоганот: „Косово е Србија” на 21 јазик.

Возот беше запрен пред да дојде до границата, откако српскиот премиер Александар Вучиќ рече дека етничките Албанци на пругите поставиле динамит, а косовската Влада испрати специјална полиција на границата за да го запре влезот на возот во земјата. Потоа, реториката меѓу двете земји продолжи да се заострува.

Се поостра реторика

Српскиот претседател Томислав Николиќ рече дека е подготвен да испрати српска војска во Косово, а претседателот на Косово Хашим Тачи рече дека Србија планира да го имплементира кримскиот модел на северот на неговата земја.

Дел од меѓународните политички аналитичари сметаат дека тој развој на настаните не е веројатен.

– Србија и натаму сака да се приклучи кон ЕУ, а Русија се уште не пратила отворени знаци на поддршка на српскиот национализам. Сметам дека доаѓањето на Трамп на власт отвори простор за пуштање на пробни балони, смета Флоријан Бибер, директор на Центарот за југоисточноевропски студии на Универзитетот во Грац во Австрија.

Лумир Абдиџику, извршен директор на тинк-танкот „Ринвест институт“ во Приштина, е загрижен дека победата на Трамп може да го замрски глобалниот поредок, на кој Косово сметаше над 20 години.

– Мала промена во американската надворешна политика ќе има големи импликации за овој дел од светот, истакнува тој.

Би можело да ве интересира

Трамп: Апсењето на студенти во Њујорк „беше убаво за гледање“

Трамп ги коментираше сведоците за време на судењето, па беше казнет со 9.000 долари

Трамп: Нетанјаху сигурно знаел дека ќе има напад на 7 октомври

Аризона: 18 соработници на Трамп обвинети за обид за промена на изборните резултати

Трамп: Анти-израелските протести на универзитетите се срам за САД, виновен е Бајден

Њујорк: Избрани 12 поротници за судењето на Трамп