Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека поддршката што претседателот на босанското претседателство Бакир Изетбеговиќ му ја укажа на Реџеп Таип Ердоган, кој синоќа беше избран за претседател на Турција, е уште една потврда на аспирациите кои одат до таму повторно да се побара турското присуство и владеење, што е неприфатливо, соопшти белградскиот весник „Блиц“.
Зборувајќи за Изетбеговиќ, кој во говор во босанскиот град Високо на претставување на книга за Ердоган, досегашниот турски премиер вчера го нарече „нашиот водач“, Додик оцени дека тоа е „несомнено уште еден доказ за неговиот жален однос кон Ердоган“.
-За нас, кои редовно го следиме тоа, не би требало да е изнендување неговиот жален стремеж тука да повика некој посилен муслимански водач од светот, кој без сомнение секогаш би бил на страната на муслиманите во Босна, подвлече Додик.
Според него, изјавата на Изетбеговиќ е во духот на оние со кои се прогласува неопходноста муслиманскиот свет да има свој лидер и своја централа.
-Тој природно тоа го гледа во Турција и во Ердоган и со својата изјава ни кажа на нас, кои живееме тука: само почекајте да биде избран и ќе ги расчистиме сметките со Вас. Така треба да го разбираме тоа, доколку барем малку расудуваме политички и доколку нештата ги гледаме проницливо, рече Додик.
За време на последниот предизборен митинг на Ердоган во саботата претседателот на босанското претседателство преку телеконференциска врска се вклучи на митингот и му ја изрази својата поддршка за Ердоган, нарекувајќи го „наш водач“ и оценувајќи дека неговата победа на изборите во Турција ќе биде победа на сите муслимани низ светот.