Мојата посета на Украина, освен за продлабочување на билатералните односи, има и елемент на силна симболика, фактот што грчката Влада, грчкото општество, грчкиот народ во целина, стојат покрај земјите чија национална независност и национален суверенитет се загрозени, рече министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, кусо пред да замине за Киев, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на грчката дипломатија денеска ги информираше претставниците на политичките партии за последните случувања во грчката надворешна политика, а во изјавата по состанокот се осврна и на посетата на Украина, велејќи дека е трета по ред за време на војната.
Првите две беа во Одеса, град, како што рече, со „огромно симболично значење за хеленизмот“, а сега заминува за Киев.
-Повеќе пати имам кажано дека меѓународното право, повелбата на Обединетите нации се „Евангелие“ за грчката надворешна политика. Ова ќе го повторам и во Киев, рече министерот за надворешни работи на Грција.
Според грчкото МНР, Дендиас во Киев се очекува да оствари средби со неговиот украински колега Дмитро Кулеба и други високи претставници, но и „да ја повтори пораката дека Грција ги поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на сите држави и дека го осудува ревизионизмот, од каде и да доаѓа“.
Исто така, се очекува да се осврне и на иницијативите преземени од Грција за поддршка на Владата и народот на Украина, како во билатерална така и во мултилатерална рамка.
Во соопштението за посетата, од Министерството за надворешни работи на Грција додаваат дека „од безбедносни причини, деталите од програмата на Дендиас ќе бидат објавени подоцна“.
Извор: МИА