Светската заедница има обврска секогаш да стои покрај оние на кои им се закануваат поголемите соседи, кои не го почитуваат меѓународното право, порача министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас во изјавата по неговото учество во Париз на конференцијата за солидарност со Украина, јави дописничката на МИА од Атина.
Во обраќањето на конференцијата пак, Дендиас се осврна на грчката поддршка за Украина, како во однос на територијалниот интегритет и националниот суверенитет, но и преку „обезбедување политичка, воена, финансиска и хуманитарна поддршка“.
-Почитувањето на територијалниот интегритет и националниот суверенитет, како и воздржувањето од употреба или закана со употреба на сила се основни принципи на меѓународното право. Тоа се главните столбови на надворешната политика на Грција, истакна шефот на грчката дипломатија.
Објасни дека околу 100.000 украински бегалци се сместени во Грција, „кои имаат право на сместување, здравствена заштита и пристап до образование“, но и дека „49,74 отсто од вкупниот обем на производи извезени од Украина се со флоти од грчки интерес“.
-Во исто време, ние сме подготвени да ги помогнеме сите напори за воспоставување алтернативни патишта за снабдување со гас, преку единиците во Александрополис, рече Дендиас за време на конференцијата.
Извор: МИА