Турскиот премиер Ахмет Давутоглу вети дека ќе ја штити религиската припадност на сите граѓани во Турција, „па дури и на будизмот“, соопшти турскиот весник на англиски јазик „Хуриет дејли њуз“.
Во своето неделно обраќање пред пратениците од владеачката „Партија на правдата и развојот“ (АКП) Давутоглу вчера остро ја искритикува главната опозициска Републиканско-народна партија (РНП) за „нивниот обид за борба против религијата“.
– РНП соопшти дека ние треба да ги укинеме часовите по религија во училиштата. Борбата против религијата е во нивното сознание, како што секогаш и било, посочи турскиот премиер.
Во однос на проблемите што се поврзани со терористичката група Исламска држава, Давутоглу подвлече дека правилната религиска обука е задолжителен услов за „справување со радикалните тенденции“, вклучувајќи го и радикализмот на ИД.