Турскиот премиер Ахмет Давутоглу вети дека ќе ги искорени сите траги од воените преврати во Турција, јави Анадолија.
Тој ова го изјави вчера на предизборен митинг во градот Кјотахија, еден ден по погребот на седмиот турски претседател Кенан Еврен, кој почина на 97-годишна возраст.
Еврен беше еден од раководителите на воениот преврат во Турција од 1980 година. Превратот на 12 септември 1980 година беше третиот преврат во земјата, по тие во 1960. и 1971 година.
Давутоглу вчера ги обвини опозициските партии за лицемерие поради тоа што „се претставуваат како политичари кои се против државни удари по смртта на Еврен“.
Премиерот додаде дека опозициските партии никогаш не изразувале „вистински ставови“ против воените преврати.
Турски суд во јуни минатата година го осуди на доживотен затвор Кенан Еврен, претседател на Турција од 1980 до 1989 година за злосторства против државата.