Турскиот премиер Ахмет Давутоглу денеска изјави дека турските власти првиот ден од примената на договорот постигнат со Европска унија за намалување на бројот на мигранти во Европа испратиле 78 сириски бегалци.
Тој наведе дека од 202 мигранти кои вчера беа вратени од Грција во Турција, 199 не се од Сирија и се задржани во депортацискиот центар во северозападна Турција.
Давутоглу додаде дека едно малолетно лице без придружба е ставено под надлежност на Министерството за семејни прашања, додека два сириски државјани се испратени во приемниот центар во Измир.
Турскиот премиер посочи дека новата политика треба да ги одврати илегалните мигранти од доаѓањето во Европа.
Во согласност на договорот меѓу ЕУ и Турција, мигрантите кои ќе влезат во Грција од 20 март ќе бидат испратени назад во Турција доколку не поднесат барање за азил, а за секој вратен мигрант кој не е од Сирија, Европа ќе преземе од Турција по еден сириски бегалец, кој ќе биде населен во некоја од земјите-членки на Унијата.
Во рамките на договорот 31 сириски бегалци од Турција со авион денеска пристигнаа во Холандија, каде ќе бидат разгледани нивните барања за азил.