Турскиот премиер Ахмет Давутоглу денеска ги повика членовите на Курдската работничка партија (ПКК) да го положат оружјето и да се повчелат од Турција врз основа на она што е договореното во преговорите за мирно решавање на курдскиот конфликт во земјата.
– Бунтовниците од ПКК требаше да се повлечат од Турција уште во мај минатата година, истакна Давутоглу во обраќањето пред пратениците од владејачката Партија на правдата и развојот.
Тој повтори дека Владата е одлучна да продолжи со мировниот процес.
– Процесот за мирно надминување на курдскиот конфликт е проект за национално единство и ќе биде успешен, посочи Давутоглу.
Кон крајот на 2012 година турските власти почнаа преговори за мирно решавање на курдскиот конфликт со лидерот на ПКК, Абдула Оџалан, кој е осуден на доживотен затвор. Оџалан во март 2013 година прогласи прекин на огнот, а курдските бунтовници до мај истата година требаше да се повлечат од Турција.
Во борбата на ПКК за курдска автономија во југоисточна Турција од 1984 година загинаа десетици илјади луѓе.