Балканските народи се како едно семејство и на братски начин можат да ги решат сите несогласувања, изјави денеска шефот на турската дипломатија Ахмет Давутоглу на заедничка прес-конференција со српскиот колега Ивица Дачиќ.
Српскиот министер за надворешни работи истакна дека некои постапки и изјави не треба да претставуваат пречка за развој на добрите билатерални односи.
– Турција и Србија имаат различно гледање на историјата во некои делови, различни погледи на сегашноста, што е и разбирливо, нагласи Дачиќ, додавајќи дека заедничкото определување на двете земји е билатералните односи да се релаксираат, нормализираат и зајакнат.
Давутоглу истакна дека Турција ја смета Србија за „прв сосед“ и дека двете држави имаат многу заеднички работи.
– Подготвени сме и сакаме рамо до рамо со Белград да работиме за подобра иднина и на Србија и на Балканот, потенцира турскиот министер.
На новинарско прашање дали неговата посета на Србија значи дека е ставен крај на несогласувањата меѓу Белград и Анкара поради минатогодишната изјава на турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган дека „Косово е Турција и Турција е Косово“, Давутоглу избегна директен одговор.
Шефот на турската дипломатија во текот на денов ќе оствари средби и со српскиот претседател Томислав Николиќ, премиерот Александар Вучиќ и министерот за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ.