Српскиот премиер Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ започнуваат дипломатска офанзива за отворање на првите поглавја од преговорите за членство на Србија во ЕУ, пишува белградскиот весник „Данас“.
Пред заминувањето во Брисел, Вучиќ телефонски разговарал со албанскиот премиер Еди Рама и му ја потврдил својата намера на 27 мај да допатува во прва официјална посета на Тирана.
Посетата на Вучиќ на Албанија беше планирана уште во ноември минатата година, кога Рама беше во посета на Србија. Тогаш беше соопштено дека Рама е првиот албански премиер, кој го посетил Белград од 1946 година.
Вучиќ и Дачиќ денеска во Брисел ќе учествуваат на еднодневната конференција „Пријатели на Србија“, на која ќе присуствуваат претставници на сите земји-членки на Унијата, а која се смета за почеток на дипломатска офанзива за отворање на првите поглавја од преговорите. Според „Данас“, оваа конференција е организирана од австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц.
Во рамки на оваа офанзива е предвидено српскиот премиер да ги посети САД на 1 јуни.