Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави денеска дека реконструкцијата на движењата на Милош Жујовиќ, кој рани припадник на Жандармеријата во близина на израелската амбасада, покажала дека тој вчера првпат дошол во синагогата во Белград и дека тоа можно е ова да му била прва цел, но продолжил понатаму поради големиот број полицајци околу синагогата.
„Овој терористички чин беше скратен на почетокот. Затоа велам дека нашата полиција со херојскиот чин на нашиот член Милош Јевремовиќ на почетокот го спречи понатамошниот тек на овој терористички чин“, изјави Дачиќ.
Тој изјави дека реконструкцијата на движењата на Жујовиќ, откако вчера утрото со автобус пристигнал од Младеновац до автобуската станица во Белград, покажала дека прво отишол во синагогата, но бидејќи таму била полицијата, продолжил кон израелската амбасада.
„Државата Србија покажа дека може да ја заштити, не само безбедноста на земјата, туку и дипломатско-конзуларните претставништва лоцирани во нашата земја“, рече Дачиќ.
Тој додаде дека се извршени претреси на десетици локации во Србија, дека истрагата покажала дека сопругата на Жујовиќ ја напуштила земјата два дена пред терористичкиот напад и отишла во родната Црна Гора, како и дека при претресот на куќата во Младеновац, полицијата пронашла сметка за самострел кој Жујовиќ го купил во продавница во Земун.
Дачиќ во Ургентниот центар го посети повредениот припадник на Жандармеријата заедно со амбасадорот на Израел во Србија Јахел Вилан на кого му се заблагодари што го посетил ранетиот Јевремовиќ.